Италијанскиот фудбалски гигант Јувентус денеска официјално го назначи 60-годишниот економист Џанлука Фереро за нов претседател, на местото на Андреа Ањели, кој заедно со целиот Управен одбор поднесе оставка на крајот од ноември поради обвиненија за финансиски малверзации.

Фереро беше кандидат предложен од Ексор (Exor), холдинг во сопственост на семејството Ањели кое контролира 63.8 отсто од акциите на најуспешниот италијански фудбалски клуб со 36 титули.

Акционерите на Јувентус денеска се собраа на генерално собрание на кое избраа нов Управен одбор, на должност до 2025., чии членови потоа го именуваа Фереро за претседател, а Маурицио Сканавина за главен директор.

„Во месеците кои доаѓаат нè чекаат предизвици, предизвици за кои веруваме дека имаме искуство, компетенција и одлучност потребни за одбрана на Јувентус пред сите надлежни казнени, спортски и граѓански инстанци“, истакна во своето прво обраќање од претседателската должност Фереро, кој работеше во минатото како корпоративен советник, ревизор и член на одбори на повеќе компании.