Во училиштата и градинките во Свети Николе се реализираат инфраструктурни и енергетски проекти во вредност од речиси 13 милиони денари. Инвестицискиот циклус опфаќа поставување фотоволтаици, уредување училишни дворови и реконструкција на објектот на средното општинско училиште „Кочо Рацин“, соопшти Министерството за образование и наука.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ја посети Општина Свети Николе. Заедно со градоначалникот Дејан Владев, таа изврши увид во активностите за подобрување на условите и за поставување фотоволтаици во повеќе образовни установи.
„Драго ми е што локалната самоуправа во континуитет се труди да гради поквалитетно образование на локално ниво, а тоа е идентична цел и на Владата и Министерството за образование и наука на национално ниво. Секако, кога целите се идентични, заложбите се многу поефективни“, изјави Јаневска.
Таа нагласи дека соодветната инфраструктура е еден од основните предуслови за квалитетен воспитно-образовен процес.
„Во оваа пригода ќе му се заблагодарам на градоначалникот што покажува голема грижа за најмладите и порачувам така да продолжи и во иднина да работи“, рече министерката.
Градоначалникот Владев информирал дека инвестицискиот циклус е вреден речиси 13 милиони денари. Со овие средства се поставуваат фотоволтаични системи во три основни училишта и две градинки, а во дел од установите се уредуваат и дворовите.
Во средното општинско училиште „Кочо Рацин“ се поставуваат нова фасада и покрив. Средствата за овие зафати ги обезбедила Владата преку повикот за финансирање капитални проекти на општините.
