Бројот на загинати во двата земјотреси во Венецуела порасна на 3.889 лица, покажуваат податоците што синоќа ги објави високиот функционер Хорхе Родригез.

Според најновите податоци, во земјотресите се повредени 16.740 лица, додека 17.907 луѓе останаа без своите домови.

Најголемите здравствени ризици по двата земјотреси вклучуваат прекини во редовната здравствена заштита, пренатрупани привремени засолништа и недостиг на пристап до чиста вода, изјави директорот на Панамериканската здравствена организација, Жарбас Барбоса.

Лицата сместени во повеќе од 80 привремени засолништа се особено изложени на ризик од избувнување на заразни болести. ПАХО работи со венецуелските власти на вклучување на полските болници и засолништа во системот за рано предупредување, со акцент на следење на стомачните болести, респираторните инфекции, фебрилните синдроми и болестите што можат да се спречат со вакцинација.

Здравствениот систем на Венецуела е значително ослабен по неколкугодишната економска криза, што предизвика недоволна здравствена заштита непосредно по земјотресот, изјави директорот на одделот за здравствени итни случаи на ПАХО, Сиро Угарте.

Првиот земјотрес во Венецуела со магнитуда од 7,2 степени се случи на 24 јуни, на околу 200 километри западно од Каракас.

По него следуваше втор земјотрес со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала, на оддалеченост од 45 километри, а потоа и серија последователни потреси.

Земјотресот со јачина од 7,5 степени според Рихтер беше најсилниот во последните повеќе од 100 години, според податоците на Американскиот геолошки институт.