Во рамки на кампањата „Право на младински додаток“, во организација на Коалиција на младински организации СЕГА денеска беа презентирани наодите од истражувањето за корисноста и влијанието на Законот, со цел да се обезбедат клучни препораки за негово подобрување.
– Податоците покажуваат дека 60 проценти од младите не се запознаени со Законот за младински додаток, 33 отсто се делумно информирани и само десет проценти се запознаени со Законот за младински додаток. Од почетокот на кампањата, па досега, бројот на корисници на младински додаток се зголемил за околу 140, вели Зоран Илиевски, извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА.
Како главен проблем за некористење на младинскиот додаток е неговата сума, односно анкетираните млади лица се изјасниле дека идеална висина за исплата на додатокот е 6000 денари. Податоците покажуваат дека 28 проценти од младите на возраст до 23 години се задоволни од сумата на додатокот, додека 72 отсто не се задоволни.
Ѓорѓи Тасев, советник за млади и младински политики при Владата во своето обраќање истакна дека во 2021 година е издвоен буџет од 100 милиони денари за 4000 млади лица кои можат да ја искористат можноста.
– Со користење на младинскиот додаток се подобрува стандардот на живот на младите, се придонесува за вкупниот економски развој на државата, додава Тасев и вели дека сеопфатната максимална искористеност на мерката е можна само ако се спроведе преку локалните економски совети, општините и невладините организации кои работат во оваа сфера.
Како најважно, тој вели дека е потребно мерката да биде децентрализирана за да биде афирмирана од крајните корисници т.е. младите.
– Менталниот склоп на младите кои иднината ја гледаат надвор, незадоволството од младите плати и скромниот систем на информирање се некои од проблемите за незаинтересираноста на младите за оваа мерка или само неинформираноста. Корпоративните компании користат smart recruitment што значи дека ги исполнуваат сите понудени можности кои се на пазарот, и сметам дека за да се прошири ова и во руралните средини, треба малку поширок опсег на соработка и дијалог, Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис Конфедерација на Македонија.
За да се унапреди мерката, Бошков посочи дека треба да се види дали е од голема важност помошта да се зголеми, дури и скалесто за руралните средини или според примања, но и најважно да се помести границата од 23 години.
Национална Кампања „Право на младински додаток“ се спроведува во периодот од август до декември 2021 година. Поддржувачи на кампањата се: Конфедерација на Слободни Синдикати (КСС), Бизнис Конфедерација (БК), Инфо Компас Прилеп. Кампањата има за цел да ги информира на младите и работодавците за корисноста и придобивките од Законот за младински додаток и да придонесе кон негова подобра примена.