Во компаниите активни во ТИРЗ во мај е регистриран зголемен број на работни места од над 4,15 проценти во однос на истиот месец од 2020 година. Се очекува ваквиот тренд да продолжи во наредните месеци поради тоа што во дел од компаниите веќе се спроведуваат процедури за отворање нови работни места, информира директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
Според Деспотовски, имајќи предвид дека, според анализите на Дирекцијата за ТИРЗ, само постојните инвеститори имаат обврска да отворат дополнителни 7.000 нови работни места.
Како што стои во соопштението од ТИРЗ, во однос на извозот, компаниите активни во зоните учествуваат со над 46 проценти во вкупниот извоз на државата. Извозните активности во мај, се подвлекува, достигнаа 251 милиони евра, со што извозот во првите пет месеци од годинава изнесува една милијарда и 307 милиони евра. Оваа бројка, се наведува во соопштението, е за 84 проценти повеќе во однос на истиот период лани, односно 22 проценти во однос на 2019 година.
– Во првите пет месеци од 2021г вкупниот увоз во зоните изнесува над една милијарда и 310 милиони евра и е за 110 проценти зголемен во однос на истиот период лани односно 35 проценти во однос на 2019 година. Само во месец мај увозот во зоните достигна 255 милиони евра, стои во соопштението од директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски.
Поради засилените увозни активности, кои се должат на надополнување на залихите на репроматеријали, како и интензивирање на инвестициите во нови технологии, Деспотовски појаснува дека покриеноста на увозот со извозот во првите пет месеци од 2021 е речиси изедначена.
Во мај 2021 нето извозот е во незначителна позитива од 0,10 проценти односно околу 27 процентни поени подобро од нето извозот на ниво на вкупната економија во државата за периодот јануари – април 2021.
Тој информира дека само во првите пет месеци од годинава се потпишани договори со пет компании чии вкупни инвестиции треба да достигнат над 65 милиони евра, а со новиот концепт на привлекување инвестиции само во последниве пет месеци ТИРЗ успеа да поттикне интерес кај над 30 компании за обем на инвестиции над 425 милиони евра и на нови 8.500 работни места.
– Дирекцијата за ТИРЗ неодамна направи и анализа на ефикасноста на една од мерките за привлекување на странски инвестиции – доделување на државно земјиште по субвенционирана цена. Согласно анализата, воведен е нов пристап со кој инвеститорите ќе се поттикнуваат, без дополнителен надомест од државата, да инвестираат во регионите надвор од Градот Скопје. Со оваа нова мерка/пристап, се очекува позитивните ефекти од странските инвестиции да бидат подеднакво достапни за сите граѓани на С.Македонија, стои во соопштението од директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски.