Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива на прес-конференција во Собранието најави дека доколку се случи седницата, ќе поднесат амандмани за секој предлог закон. Порача дека ќе ги поддржат сите пакет мерки, но само доколку се одблокира законот за државјанство.
– Денешното барање да има вонредна седница за финансискиот пакет мерки, петтиот по ред, ние ќе се изјасниме онака како што сме се изјасниле досега. Сета блокада почна кога мнозинството во Собранието заедно со македонската опозиција го блокира Законот за државјанство и тоа е условот, тоа е првиот чекор со што се друго оди наследно согласно таа блокада, рече Реџепи.
Тој порача дека сите граѓани во државата треба да бидат рамноправни.
– За нас е многу важно да се обратиме до власта, до сите луѓе кои имаат желба навистина граѓаните во оваа држава да ги гледаат рамноправни. Нека не прават дискриминација врз граѓаните. Исто чувство за човечност треба да се има и за една категорија на граѓани кои очекуваат петти пакет мерки што сосема ги поддржуваме, меѓутоа треба да бидеме искрени исто чувство на човечност треба да има и за една друга категорија граѓани кои воопшто не ни знаат што е пакет мерка, што е социјална помош, што е здравствена заштита, што е да се живее достоинствено во една држава со државјанство, нагласи Реџепи.
Власта, додаде, е должна секој граѓанин да има решен статус на државјнаство.
– Ние сме убедени дека како коалиција ќе ги поддржиме, како што сме ги поддржале досега сите пакет мерки само едно бараме – да се одблокира Законот за државјанство, немаме друго барање, рече Реџепи.