Според информациите на Радио Слободна Европа, Коневски договорот за купопродажба со фирмата инвеститор ЗСФ КОМ го потпишал пред некој месец, иако преддоговорот бил запечатен во март 2019 година. Во меѓувреме зградата го доби својот лик, а на 21 декември, минатата година и официјално името на Коневски е запишано на имотниот лист.
Цената на деловниот простор од 312 квадратни метри, според договорот до кој дојде РСЕ, изнесува 27.256.313 денари или речиси 442 илјади евра со ДДВ. Додека пак метар квадратен со ДДВ е 1416 евра.
Но, оваа сума сепак нема да ја плати Коневски, туку наместо него тоа ќе го стори Тинекс, кој го закупил просторот на 12 години. Девет дена пред Коневски и сопственикот на фирмата ЗСФ КОМ, Фатмир Етеми да стават потпис на договорот за купопродажба, бил договорен закупот на деловниот простор. Истиот ден е отворен и новиот Супер Тинекс во зградата со 248 станови со поглед на булеварот Јане Сандански.
Закупот е заведен и во имотниот лист, а тоа го потврдува и самиот Коневски, кој вели дека деловниот простор 12 години нема да може да го користи ниту да располага се додека не се исплатат средствата од закупнина за тој период.
– Вредноста на деловниот простор е иста со вредноста на закупот за 12 години. Тоа е начинот на финансирање на деловниот простор. Тоа значи дека со деловниот простор ќе можам јас да располагам после 12 години или поточно во јануари 2033 година, вели Коневски за РСЕ.
Тоа значи дека ЗСФ КОМ парите од продажбата, односно 442 илјади евра всушност ќе ги наплати од кириите од Тинекс. Годишно просторот Тинекс го чини околу 38.800 евра или на месечно ниво нешто над 3000 евра. За 12 години пак Коневски без да даде пари или да земе кредит и да исплаќа камати во банка ќе има негов деловен простор.
Никола Велковски од групацијата за градежништво при Стопанската комора вели дека деловните простори кои се добро локациски поставени, инвеститорите никогаш немале пракса да ги продаваат преку закуп, а досега, според неговото искуство, таков случај немало.
Целиот текст на Радио Слободна Европа.