Реконструкција на Клиничката болница во Тетово

Пратеничката и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, денеска во Тетово соопшти дека Владата ќе инвестира речиси 15 милиони евра во локални проекти и дека со стратешкиот договор со Обединетото Кралство ќе започне реконструкција на Клиничката болница во Тетово.

Стојаноска престојуваше во градот по повод празникот Петровден, на средба со граѓани. Таа рече дека ги добила позитивните реакции и задоволството на Тетовчани во однос на промените што се случуваат на терен.

„На убав ден – Петровден, денес сум во убавото Тетово, на средба со Тетовчани. Ги примив позитивните реакции и задоволствата на Тетовчани, заради тоа што веќе не е Тетово како досега. Заради тоа што интензивно се работи на автопатот од Тетово – Гостивар, заради тоа што се покачија пензиите за 5.000 денари, заради тоа што се покачија платите во образование, администрација, здравство и полиција“, изјави Стојаноска.

Дел од 250 милиони евра се насочени кон локални проекти во Тетово

Според неа, тетовчани се задоволни и од вкупната распределба на средства од Владата, при што околу 15 милиони евра се наменети само за Тетово.

Дополнително, реконструкцијата на Клиничката болница во Тетово е дел од најавената соработка со Обединетото Кралство, и според Стојаноска, тоа е проект што подолго време се очекува во регионот.

„Тетовчани се задоволни и од издвоените речиси 15 милиони евра од вкупно издвоените 250 милиони евра од Владата за локални проекти и задоволни се од ветувањето дека со стратешкиот договор со Обединететото Кралство ќе се реализира и долго очекуваната реконструкција на Клиничката болница во Тетово. Времето на Тетово доаѓа! Времето на Македонија доаѓа“, додаде Стојаноска.