Според утврдената динамика се одвива реконструкцијата на Охридскиот аеродром Прогресот е околу 80 до 90 проценти и се очекува да биде завршена согласно утврдениот рок, односно до крајот на летото. Ова го изјави денеска  вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој кажа дека таму се работи паралелно на четири проекти.

Таму имаме четири проекти што се одвиваат паралелно. Прогресот е некаде меѓу 80 и 90 проценти на секој од нив. Рокот што го зададовме за завршување е крајот на летото и мислам дека тој рок ќе биде постигнат. Паралелно од 15 август ќе почнат да работат надлежните институции пред се Агенцијата за цивилно воздухопловство, Контролата на летање, М-НАВ, Агенцијата за национална безбедност, Царината и МВР со цел аеродромот да е фунцкионален и да бидат постигнати сите безбедносни стандарди, изјави денеска Николоски кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски е во посета на Дебрца.

Со реконструкцијата, како што посочи, практично ќе се добие еден нов аеродром со нова административна зграда и нова терминална зграда што ќе значи многу повеќе место за слетување и полетување.

Драго ми е што Охридскиот аеродром расте и во апсолутна бројка и процентуално според последните извештаи и тоа ќе продолжиме да го правиме и во следниот период, рече вицепремиерот Николоски.