Првите шест месеци од 2025 најдобри досега – Турција, Србија и Германија меѓу водечките пазари

Македонија бележи двоцифрен пораст на бројот на странски туристи, со најновите податоци кои укажуваат на раст од 21,6% во првата половина од 2025 година, во споредба со истиот период од минатата година. Според пресметките на туристичките оператори, ова темпо може да донесе околу 1,5 милиони странски посетители до крајот на годината и да генерира до 500 милиони евра приход во туристичката индустрија.

„Решивме да работиме, а не да бараме изговори“: Првпат по 50 години проект за Македонија со кој ќе се забрза економијата и туризмот

Најголем интерес покажуваат туристи од Турција, кои сочинуваат до 42% од странските гости. Србија е вториот најбрзорастечки пазар, особено во Скопје и Охрид, каде што се бележи раст од 20–30%. Германија, Грција, Хрватска и Романија остануваат во топ 10 пазари, додека Бугарија, Албанија и Словенија покажуваат стабилни бројки. Од друга страна, кај Косово, САД, Италија и Холандија не се забележуваат значајни промени.

Нови реформи и институционална интеграција

Зголемениот интерес за Македонија како туристичка дестинација доаѓа во време кога Владата и Министерството за култура и туризам ги интензивираат напорите за унапредување на туристичката инфраструктура и системот на управување. Во тек е преземање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, која ќе стане дел од Министерството, со што се гради централизирана структура за поддршка на туристичкото стопанство.

Со екипирање на новиот сектор за туризам, Министерството се позиционира како главна институција за стратегиско водство во развојот на туризмот. Овие чекори се во склад со глобалните трендови за развој на одржлив туризам, како и со потребите за рамномерен регионален развој и зајакнување на капацитетите на локално ниво.

Македонија се позиционира како целогодишна дестинација

Податоците за туристичкиот промет во првите четири месеци од годината потврдуваат дека Македонија се наметнува како атрактивна дестинација и надвор од летната сезона. Зголемениот број на странски туристи токму во периоди кои традиционално не се сметаат за туристички пик, сведочи за потенцијалот за развој на туризмот во текот на целата година.

Министерството за култура и туризам, предводено од министерот Љутков, има за цел преку културата, традицијата и природната убавина да ја трансформира Македонија во вистинска туристичка земја. Ова вклучува и зголемена соработка со меѓународни туристички оператори, домашни инвеститори и локалните заедници.