Предлог-буџетот за 2023 година предвидува вкупни приходи од 282 милијарди денари (4,58 милијарди евра), расходи од 324,8 милијарди денари (5,28 милијарди евра) и буџетски дефицит на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. Економски раст се очекува да биде 2,9 проценти, а инфлацијата 7,1 процент. Надворешниот долг се очекува да биде под 60 проценти.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека ова е најгломазниот буџет, и дефицит кој е надвор од сите рамки на одржливост.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера на прес-конференција посочи дека Предлог-буџетот има за цел да се одржи економскиот раст, да се извршат редовно сите обврски на државата и да се поддржат реформите и евроинтегративните процеси.

– Во услови на криза на глобално ниво, подготовката на буџетот останува предизвик за секоја држава. На глобално ниво економијата ќе има забавен раст, а истото се однесува и за растот на економијата на Европската унија која се очекува да биде 3,2 проценти оваа година, а следната 0,7 проценти. Тоа се одразува и на динамиката на раст на нашата економија, рече Бесими.

Буџетот за следната година, како што рече Бесими, ги содржи клучните елементи на среднорочната фискална политика, односно заложбата за постепена фискална консолидација, одржување на макроекономскта стабилност и забрзување на економскиот раст.

Капиталните расходи се планирани на ниво од околу 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 проценти повисоки во однос на планот за 2022 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори – буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Тие се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Тековните расходи се планирани во износ од 275,9 милијарди денари и се наменети за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на енергетскиот сектор.

– Расходите за исплата на плати се проектирани согласно постојните законски решенија и изнесуваат 34,9 милијарди денари. Во текот на 2023 година се продолжува со определбата за оптимизација на вработените во јавниот сектор, а притоа да се примени и новата методолигија за плати во јавниот сектор, рече Бесими.

На среден рок се очекува нормализација на глобалните движења, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и раст на економската активност кај нашите главни трговски партнери. Проекциите се дека просечниот раст на домашната економска активност во периодот 2023-2027 година ќе достигне 4,6 проценти при што од 2025 година растот ќе достигне стапка од 5 проценти. Буџетскиот дефицит до 2026 година се очекува да биде до 3 проценти, а во 2027 година под три проценти.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека ова е најгломазниот буџет, и дефицит кој е надвор од сите рамки на одржливост.

– Предлог Буџетот од 5.3 милијарди евра е економски колапс за Македонија со вакви лоши економски показатели. Дополнително дефицитот кој е проектиран на скоро 5% од БДП е опасност за економијата и одржливоста на системот. И сето тоа во услови кога растот на економијата е само 2.9%. Овој најголем до сега дефицит ќе треба да се покрива со нови задолжувања кои во услови на светска криза ќе бидат по се поголеми камати, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на министерот за финансии.

Министерот Бесими, изрази уверување дека нема зголемување на даночните стапки и нови даноци.

– Нема да има зголемување на даночните стапки и нови даноци, туку реформата на даночната политика ќе се базира на проширување на даночна база и во однос на ДДВ ќе се променува преференцијалната стапка согласно практиките во регионот, изјави Бесими.

Во однос на тоа дали ќе се воведе прогресивен данок од следната година, министерот тој истакна дека засега и тој го нема одговорот на ова прашање, бидејќи се уште се водат разговори околу тој предлог и кога ќе бидат усогласени сите детали од страна на Владата, во текот на овој месец ќе биде објавен планот околу предвидениот концепт на даночни реформи.

Во делот на плати во Предлог-буџетот, како што нагласи Бесими, уште на почетокот на годината и покрај кризата, Владата потврди дека останува на определбата за зголемување на платите во јавната администрација и нивно усогласување со минималната плата и пензиите.

Тој како пример посочи дека ако инфлацијата биде 10 отсто, а минималната плата е утврдена на 18.000 денари, тогаш тоа ќе значи нејзино линеарно зголемување за 1.800 денари, што би повлекло и раст на платите на административците, за што се предвидени средства во Буџетот.

Бесими потенцира дека не се предвидува зголемување на бројот на вработени во јавната администрација, туку преку моделот на мобилност би се вршело прераспределување на вработените на дефицитарни позиции во некои институции, како што се на пример инспекциските служби.

Министерот за финансии посочи и дека проектираниот дефицит и отплатата на долгот во износ од 52,1 милијарди денари по основ на доспеани обврски, од кои половина е еврообврзницата од 2016 година, ќе се врши од домашни и надворешни извори.