Република Кипар понудила целосна помош во операцијата за пребарување и спасување по потонувањето на ферибот кај Киренија, во самопрогласената Турска Република Северен Кипар. Никозија уште од првите моменти на несреќата ставила до знаење дека е подготвена да ги ангажира сите расположливи воздухопловни и поморски средства доколку тоа биде потребно.

Портпаролот на кипарската Влада, Константинос Летибиотис, преку објава на Икс порача дека заштитата на човечкиот живот е најважна во вакви ситуации, јави дописничката на МИА од Атина.

„Република Кипар уште од првиот момент ја изрази својата целосна подготвеност веднаш да помогне во напорите за пронаоѓање и спасување, ставајќи ги на располагање сите потребни средства. Во еден ваков момент, заштитата на човечкиот живот е над сè“, напиша Летибиотис.

Тој додаде дека кипарските власти „со длабока тага и агонија“ ги следат случувањата по потонувањето на фериботот кај Киренија. Нагласи дека нивните мисли се со лицата кои ги загубиле животите, со повредените, со сите кои ја преживуваат трагедијата, како и со нивните семејства.

Кипарската новинска агенција (ЦНА), повикувајќи се на свои извори, објави дека Центарот за координација на пребарување и спасување на Кипар веднаш по несреќата стапил во контакт со Мировните сили на Обединетите нации.

Од кипарскиот центар било побарано до турско-кипарската страна да биде пренесена информацијата дека Република Кипар е подготвена, доколку биде потребно, дури и да ја преземе целата операција со расположливите воздухопловни и поморски средства за пребарување и спасување.

Паралелно со тоа, кипарскиот претседател Никос Христодулидис, преку преговарачот, побарал да биде воспоставена комуникација со лидерот на кипарските Турци, Туфан Ерхурман. Целта била и нему да му биде пренесена подготвеноста на Република Кипар да помогне во спасувачките напори.

Според истите информации, ставот на Никозија во вакви ситуации е јасен – „кога човечки животи се во опасност, придонесуваат со сите расположливи средства“.

Во несреќата учествувал ферибот на кој имало 267 патници. Според турските медиуми, осум лица го загубиле животот, додека спасувачките екипи продолжуваат со операциите за пребарување и спасување на уште 17 лица. Досега се спасени 242 патници.

Фериботот пловел од пристаништето Киренија, познато и како Гирне, кон турското пристаниште Ташугу во покраината Мерсин. Пловниот објект почнал да се полни со вода на околу 7,5 километри од брегот, а причините за несреќата засега не се познати.