Министерот за здравство истакна дека дигитализацијата ќе овозможи побрза и поефикасна комуникација помеѓу пациенти и лекари
На 21-от Конгрес на лекари на Македонија, кој го организира Македонското лекарско друштво и на кој учествуваа околу 600 лекари и стручни предавачи од земјава и странство, министерот Азир Алиу го потенцираше значењето на дигитализацијата како клучен столб за унапредување на здравствената заштита. Тој најави и нова апликација која ќе овозможи пациентите да внесуваат здравствени индикатори во секое време, а системот автоматски ќе алармира за евентуални ризици.
– Во рамки на севкупната стратегија за дигитализација и оптимизација на здравствениот систем, веќе најавивме ново софтверско решение, како апликација, кое ќе ја олесни комуникацијата и движењето на пациентот низ здравствениот систем. Целта е апликацијата да овозможи пациентот во секое време да внесе здравствени индикатори, врз основа на кои матичниот лекар или специјалист ќе може веднаш да реагира – со менување на терапијата или давање препораки за натамошно лекување, односно ако системот детектира вредности надвор од нормалата, автоматски ќе алармира – рече министерот Алиу.
Тој додаде дека ваквите конгреси се важна можност за размена на знаења и искуства меѓу медицинските експерти, што директно придонесува кон подигнување на нивото на медицинската наука и практика.
Претседателот на Македонското лекарско друштво, д-р Горан Димитров, истакна дека оваа година друштвото го одбележува 80-годишниот јубилеј и дека континуираната медицинска едукација, како и придонесот во создавање и модифицирање на медицинските протоколи, се од суштинско значење за развојот на професијата.
– Македонското лекарско друштво е најстарото професионално здружение во земјава кое ги обединува сите лекари. Особено значаен сегмент во нашата работа е континуираната медицинска едукација со организирање стручни предавања, како и придонесот во создавањето и модифицирањето на медицинските протоколи во различни специјалности – нагласи д-р Димитров.