Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска извршија увид во градежните работи за изградба на новото мултифункционално спортско игралиште во состав на ООУ „Владо Тасевски“ во Карпош.

Изградбата на игралиштето е во тек и се реализира преку инвестиција на Министерството за спорт, во соработка со Општина Карпош.

По завршувањето на градежните работи, учениците и младите ќе добијат современ и безбеден спортски простор наменет за фудбал, кошарка и ракомет. Игралиштето ќе располага со трибина, спортски реквизити и ќе биде оградено со заштитна ограда.

-Инвестициите во спортската инфраструктура значат создавање конкретни услови за младите да спортуваат, да напредуваат и да се развиваат. Во Карпош градиме нов спортски простор кој ќе биде достапен за учениците и младите, а со вакви проекти продолжуваме да ја менуваме спортската инфраструктура низ целата држава, истакна министерот за спорт Борко Ристовски.

Изградбата на ова спортско игралиште е дел од Програмата на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура, со која се реализираат проекти во општините низ целата држава.

Министерството за спорт продолжува со инвестиции во нова и обновена спортска инфраструктура, со цел создавање подобри, побезбедни и подостапни услови за спорт и физичка активност, особено за децата и младите.