Ристовски изрази задоволство за постигнатиот резултат на Еуро 2026
Министерот за спорт, Борко Ристовски, изрази задоволство од постигнатите резултати на македонската репрезентација на ЕХФ Еуро 2026 во вечерашното гостување на Канал 5 телевизија.
„Ако се земе предвид колкава држава сме и кои ни беа ривалите во групата, треба да сме задоволни со 14. место. Секогаш може подобро, но и овој резултат е успех. Би сакал и во другите спортови да имаме такви постигнувања на Европските првенства. Можеби некои очекуваа повеќе. Убаво е да се негуваат големи очекувања, но треба да се биде реален. Ова генерација има потенцијал и нејзината сила е во колективната игра“, рече Ристовски.
Тој ја пофали и работата на селекторот Кирил Лазаров.
„Човекот направи многу тешка работа. Транзиција на генерациите. Треба да му се оддаде признание за сè што направил и прави за македонскиот ракомет и репрезентацијата“, нагласи Ристовски.
Македонската репрезентација на ЕП 2026 настапи во Б-групата, забележувајќи пораз од Данска, реми со Португалија и победа против Романија. Со три бода ја заврши групната фаза на 14. позиција и обезбеди место меѓу носителите за баражот за Светското првенство 2027 година.
