Со порака дека американските слободи се загрозени и дека е потребна итна реакција, актерот Роберт де Ниро се обрати на протестот „Без кралеви“ (No Kings) во Њујорк, директно насочувајќи критики кон Доналд Трамп.

Тој оцени дека актуелниот претседател претставува сериозна закана за државата и нејзините институции.

„Кога толпата извикува ‘нема кралеви’, јас слушам ‘нема Трамп’. Имало претседатели кои ги тестирале границите на својата моќ, но никој не бил толкава закана за нашите слободи како тој. Треба да се запре, и тоа веднаш“, изјави Де Ниро.

Во својот говор, актерот се осврна и на имиграциските политики и надворешната политика, нагласувајќи дека Трамп има „желба да владее како тиранин“.

Критики упати и кон поддржувачите на претседателот во политичкиот систем.

„Не може да ги прави сите тие работи без поддршка од Конгресот и луѓето во неговата администрација. Тие се со него затоа што се плашат да не ја изгубат моќта и позициите. Тоа е застрашувачко. Како е можно ова да се случува?“, рече тој.

Де Ниро и претходно јавно повикувал на спротивставување на Трамп. На почетокот од годината изјави дека претседателот „ја уништува“ Америка.

„Ова е нашата земја, а Трамп ја уништува. Којзнае од кои причини, но тоа е болесно и целосно изопачено“, изјави тогаш.

Од друга страна, Трамп возвраќа со остри коментари кон актерот и неговите критичари. Во еден од своите говори го нарече Де Ниро „опседнат“ и оцени дека „не знае што зборува“, додавајќи навредливи квалификации на негова сметка.