Германската полиција истражува пријава дека робот висок околу 120 сантиметри сексуално вознемирувал 16-годишна девојка во центарот на Келн. Двајца млади наводно го снимале настанот, го коментирале и го пренесувале во живо на социјалните мрежи.

Инцидентот се случил нешто пред полноќ, ноќта меѓу саботата и неделата, на 11 октомври. Девојката била пред ресторан за брза храна на аголот меѓу улиците Палмштрасе и Хоенцолернринг, заедно со две пријателки на возраст од 17 и 18 години.

Според полициските информации, црвено-златниот робот ѝ се приближил одзади, ја допирал по задникот и изведувал движења што имитирале сексуален однос. Неговиот 16-годишен сопственик и 19-годишниот пријател наводно го снимале и го пренесувале настанот во живо.

По пријавата, полицајците ги пронашле двајцата осомничени во близина. Роботот не бил со нив на улицата: сопственикот, кој е од градот Вегберг, го ставил во багажникот на автомобил „Фолксваген“. Полицијата го пронашла и го запленила роботот, како и два мобилни телефони.

Истражителите проверуваат како работел роботот за време на инцидентот и дали неговите движења биле контролирани намерно. Засега не е утврдено дали со него се управувало далечински или движењата биле однапред програмирани.

Полицијата води истрага против двајцата млади под сомнение за навреда од сексуална природа. Се утврдува каква била нивната улога и на кој начин бил користен роботот.