Рокот на завршување е релативно блиску, изјави потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, посочувајќи дека цената на автопатот Кичево–Охрид изнесува околу 13,5 милиони евра по километар, а вкупната сума е околу 770 милиони евра.
„Рокот на завршување е релативно блиску. Цената е некаде 13 ипол милиони евра по километар, целиот автопат е 770 милиони евра и ова е најевтиниот автопат во Македонија“, рече Николоски.
Тој направи споредба со други проекти, наведувајќи дека коридорите 8 и 10 со „Бехтел и Енка“ ќе достигнат цена од 15,5 до 16 милиони евра по километар, додека Скопје–Блаце со Европската банка за обнова и развој е околу 21 милион евра по километар, а слично е и Кичево–Букојчани. Додаде дека доколку автопатот бил изграден навреме, ќе бил поевтин, но, како што рече, се согласиле со ситуација за тотална неактивност претходно.
Во однос на начинот на градба и финансирање, Николоски посочи дека станува збор за концепт со кинеската Export-Import Bank of China (Ексим банка), при што државата има обврска 51 отсто од работите да ги изведува кинеската компанија „Sinohydro Corporation Limited“ (Синохидро).
Николоски бјасни дека од 57 километри, 37 се завршени, 34 се во функција, а тие три километри ќе бидат во функција кога ќе заврши целиот автопат, додека околу 20 километри од Кичево кон Охрид остануваат како обврска на кинеската компанија.
„Остануваат 20 километри од Кичево кон Охрид кои не се завршени и се нивна обврска“, рече Николоски.
Министерот најави состанок со раководството на кинеската компанија, бидејќи динамиката не е на очекуваното ниво.
„Утре имаме состанок со раководството на кинеската компанија и ќе разговараме сериозно, динамиката не е на очекувано ниво“, изјави Николоски.
Паралелно со договорот, кинеската Ексим банка требало да обезбеди дополнително финансирање, имајќи предвид дека проектот бил заборавен со години. Побарани биле 175 милиони евра, но барањето било одбиено поради писмо потпишано од претходниот министер за транспорт, министерот за финансии и директорот на ЈП за државни патишта, во кое било наведено дека нема да бидат потребни дополнителни средства.
„Природно беше да побараме поголема сума, побаравме 175 милиони евра, но бевме одбиени“, рече Николоски.
Средствата сега ќе ги обезбеди Јавното претпријатие за државни патишта, преку приходи од акциза, регистрација и патарини и преку задолжување кај домашните банки со државна гаранција. Се прават калкулации, но сумата нема да биде поголема од побараната, а дел веќе се обезбедени од сопствениот буџет.
Николоски нагласи дека проектот бил наследен во лоша состојба, со нарушена динамика на плаќање и долг од околу 40 милиони евра, но дека автопатот мора да се заврши и дека кинеската компанија не може да се исклучи поради договорните обврски.
„Мора да го завршиме автопатот и не може да ја исклучиме кинеската компанија“, изјави Николоски.
Во однос на роковите, тој изјави дека е даден рок градежните работи да завршат до крајот на оваа година, а потоа да се обезбеди употребна дозвола.
„Градежните работи ќе завршат до крајот на оваа година, а до мај да има употребна дозвола“, рече Николоски, додавајќи дека досега употребни дозволи не се давале за најголем дел од патиштата.
Паралелно се работи на стабилизација на свлечиштата, поставување заштитни огради и документација, при што делницата кај Сончев Град се очекува да биде отворена на почетокот на летото.
Во однос на барањата на УНЕСКО, Николоски посочи дека нивниот став е прилично ригиден и дека се бара да се почитуваат постојните линии и да се суспендираат активности на нови инфраструктурни проекти, вклучително и можни измени на трасата.
Николоски ја посочи изјавата на премиерот Христијан Мицкоски
„Не може да се однесуваме кон правилата како кон шведска маса – што ни одговара ќе го земеме, а што не нема да го почитуваме“
Тој потсети дека во минатото експресниот пат Охрид–Св. Наум бил поништен по барање на УНЕСКО, иако биле обезбедени средства. Посочи дека македонска делегација била во Париз и дека во јуни се очекува финален извештај, кој ќе даде јасна насока и за автопатот и за железницата.
„Во јуни ќе имаме чиста ситуација со финален став од УНЕСКО“, рече Николоски.
Крајната цел останува автопатот да стигне до Ќафасан, но се поставува прашањето како ќе се поврзе со Охридскиот аеродром и со Струга, бидејќи трасата минува над аеродромот и не се врзува директно со градот, односно има затворен карактер без излез и влез.
„Каков е тој автопат што не се поврзува со аеродромот и со градот Струга“, изјави Николоски.
Тој додаде дека од албанска страна нема експресен пат до Ќафасан, туку патот завршува околу 25 километри пред границата, кај Либражд, како и дека нема активности од Албанија ниту за железничко поврзување.
