Фудбалската ѕвезда Кристијано Роналдо и неговата сопруга Георгина Родригез инвестираа во две нови луксузни вили на изолиран остров во Црвеното Море во Саудиска Арабија, каде што пристапот е овозможен исклучиво со брод или хидроавион.

Имотите се дел од ексклузивниот ресорт „Нујума, Риц-Карлтон Резерв“, опкружен со чисти бели песочни плажи и морски води. Островот е лоциран на 26 километри оддалеченост од копното, што им овозможува максимална изолација и потполна приватност.

Двете купени вили имаат различна квадратура и намена. Поголемиот објект располага со три спални соби и е прилагоден за семеен престој со децата, додека помалата резиденција има две спални соби и е замислена за поинтимни одмори. Вкупната пазарна вредност на овие имоти надминува осум милиони евра, иако точната купопродажна сума останува деловна тајна.

Двојката редовно го посетувала ова одморалиште уште од 2023 година, кога биле пуштени во употреба првите туристички капацитети во овој регион.

„Црвеното Море навистина е посебно место. Уште при првата посета, Георгина и јас почувствувавме поврзаност со островот и неговата природна убавина. Овде се чувствуваме спокојно. Сега кога имаме сопствен дом, можеме да поминуваме квалитетно време со семејството, во целосна приватност и мир, кога и да посакаме“, рече Роналдо.