Сестрата на Фросина Кулакова со критики кон родителите на Васил Јованов по прес-конференцијата
Сестрата на трагично загинатата Фросина Кулакова, Росица Кулакова со жестока реакција кон родителите на Васил Јованов, откако тие заедно со адвокатот Сашко Дукоски одржаа прес-конференција. Таа се огласи на социјалните мрежи, изразувајќи револт поради нивните изјави и, како што наведува, нивната неспремност да преземат одговорност.
Росица Кулакова со жестока реакција: „Не сте преземале никаква одговорност, а сега ни нудите помош!“
Росица Кулакова во својот коментар остро реагираше на понудената помош од родителите на Васил. Според неа, тие не успеале да му помогнат на сопствениот син, а сега сакаат да им помогнат на нејзиното семејство.
– Не сте преземале никаква одговорност како родители, па уште и се нудите да ни помогнете! Вие не сте успеале да му помогнете на сопственото дете да го пронајде вистинскиот пат, а сега нам ни нудите помош за да ги исправите последиците од вашата претходна негрижа. Мизерија. – напиша таа.
Таа исто така ги обвини дека го негираат оправданиот револт на јавноста и дека се противат на функционирањето на институциите.
– Ајде тоа, туку се осмелувате и да го негирате оправданиот револт на целата јавност. Дното стварно имало подрум. Знаеме дека вам не ви одговара да профункционираат правосудството и сите останати институции. – додаде Росица Кулакова.
Случајот што ја потресе јавноста
Трагедијата се случи на 29 јануари, кога Васил Јованов, управувајќи возило „Пежо 207“ без возачка дозвола и под дејство на алкохол, удрил во Фросина Кулакова на булевар „Партизански Одреди“. Таа почина на лице место.
Овој случај предизвика силни реакции во јавноста, а граѓаните бараат строги санкции и правда.
Јавноста очекува правда
По прес-конференцијата на адвокатот Сашко Дукоски и родителите на Васил Јованов, сестрата на жртвата изрази гнев и незадоволство. Таа ги обвини за избегнување одговорност и негирање на јавниот револт. Случајот останува под лупа на институциите, а јавноста очекува брза и праведна судска постапка.