„Неодговорниот и непријателски напад на властите на Северна Македонија нема да остане без одговор“. Вака портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, го коментираше наводното протерување на тројца руски дипломати од земјава.

Според руското МНР, на 12 септември, македонските власти, без образложение прогласиле за „персона нон грата“ тројца дипломати од руската амбасада во Скопје.

„Забележуваме дека северномакедонските власти продолжуваат да се движат по патот на влошување на конфронтацијата и ги водат билатералните односи, кои и онака се во длабока криза, во ќорсокак“, се вели во соопштението.

Од македонското Министерство за надворешни работи, сè уште нема официјална потврда за протерувањето.

Сепак, порталот на албански јазик, „Алмакос“, цитирајќи неименувани извори од македонското МНР, објави дека биле протерани тројца дипломати и еден руски свештеник.

Според овие неименувани извори на „Алмакос“, дипломатите „вршеле несоодветни дипломатски дејствија и сомнителни активности, спротивни на Виенската конвенција за дипломатски односи“.

Инаку, кон крајот на јуни годинава, Македонската православна црква организираше протест со про-руски елементи, против предлог измените на законите за родова еднаквост и за матична евиденција.

На протестот присуствуваа членови на проруската партија „Родина“, како и членот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Јовановски со неговите соборци кои носеа руски знамиња, а присутни беа и десетина припадници на „Ноќните волци“, познати поддржувачи на рускиот претседател Владимир Путин.

Десетина дена пред протестот, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, на настан во организација на Фондацијата Метаморфозис, предупреди дека земјава ќе биде мета на дезинформациска пропаганда за уставните измени, црковното прашање и изборите во 2024 година.