Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја повика на „хуманитарен прекин на огнот“ во Појасот Газа и Израел, обвинувајќи ги САД за ситуацијата на палестинската територија.

Убедени сме дека Советот за безбедност мора да дејствува со цел да се стави крај на ова крвопролевање и да се обноват мировните преговори со цел да се формира палестинска држава, како што се планираше долго време, изјави синоќа рускиот амбасадор по затворениот состанок на Советот за безбедност на ОН за хуманитарната ситуација во Газа, која е под опсада.

Тој наведе дека понудената нацрт-резолуција повикува на целосно почитување на хуманитарниот прекин на огнот и непрекината хуманитарна помош и го осудува секое насилство и сите акти на тероризам.

Во текстот на нацрт резолуцијата се повикува на „итен, постојан и целосно почитуван хуманитарен прекин на огнот“.

Покрај тоа, „сите акти на насилство и непријателство против цивилите и сите акти на тероризам се остро осудени“, но во него Хамас не е именуван.

Пред неколку дена, САД го повикаа Советот за безбедност на ОН јасно да ги осуди „гнасните терористички акти“ на палестинската исламска организација, која изврши невидени напади врз Израел на 7 октомври.

Рускиот амбасадор додаде дека некои земји-членки реагирале попозитивно на нацртот од другите.

Без да наведе детали, амбасадорот го критикуваше Западот, а особено САД, кои, како што рече, „носат голема одговорност за претстојната војна на Блискиот Исток“ и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која, тој рече, изјави дека „ЕУ стои со Израел, но замижува пред израелските воздушни напади врз цивилната инфраструктура во Појасот Газа“.

Советот за безбедност е поделен по ова прашање, а по средбата амбасадорите беа внимателни во изјавите.