Русија соопшти дека неутрализирала три беспилотни летала во регионот на Москва, од кои два во близина на воена база и за нападот ја обвини Украина.

– Денеска е спречен обид на режимот во Киев да изврши терористички напад со три беспилотни летала на локации во московскиот регион, соопшти руското Министерство за одбрана, додавајќи дека сите беспилотни летала се неутрализирани со системот за електронско војување, изгубиле контрола и се урнале.

Претходно гувернерот на Московската област Андреј Воробјов изјави дека два дрона се урнале рано утринава додека се приближувале до магацините на воената база лоцирана во селото Калининец, во областа Наро-Фоминск, на околу 50 километри југозападно од Москва.

Пронајдени се остатоците, нема штета или жртви, изјави Воробјов и ги повика жителите на смиреност.

Московската област, лоцирана на повеќе од 500 километри од украинската граница ретко е цел на напади со беспилотни, иако таквите напади се зголемени на други места во Русија.

На почетокот на мај, два дронови беа соборени над Кремљ во напад за кој Русите ја обвинија Украина. Во изминатите месеци, беспилотни летала гаѓаа и воени бази или енергетската инфраструктура во Русија.