Непознат сторител го испрскал со црвена боја рускиот лауреат на Нобеловата награда за мир, Дмитриј Муратов, додека патувал со воз од Москва за Самара.
Либералниот руски весник „Новаја Газета“ објави фотографии на својот главен уредник на која се гледа неговото лице, горниот дел од телото и рацете полиени со мрсна црвена боја.
Инцидентот се случил кога непознато лице влегло во купето за спиење каде се наоѓал Муратов, му рекло „Муратов, земи го ова за нашите момчиња“ и го испрскало со боја.
Полицијата започнала потрага по осомничените, јави руската агенција „Интерфакс“, цитирајќи го Министерството за внатрешни работи. Сообраќајната полиција организирала мерки за легитимирање и приведување на две лица.
Новинарите кои ја критикуваат власта во Кремљ постојано се цел на напади во Русија.