Дека постои руско влијание во македонските рудници се потврдува и во анализа на истражувачкиот центар на Европскиот Парламент посветена на влијанието на Кремљ преку економиите во земјите од Западен Балкан.

Во анализата, која се повикува на експертски извештаи, се вели дека, во случајот со Македонија, наместо преку директни руски инвестиции, тоа се прави затскриено преку оф-шор мрежи или фирми основани во земјите членки на Европската Унија.

„Економскиот печат на Русија се протега и на други македонски компании. Од 2005 до 2015 година, компанијата Солвеј (која е официјално регистрирана во Швајцарија, но има врски со холдингот РУСАЛ на Дерипаска), го поседуваше Саса, рудникот за олово-цинк и бакар, како и Бучим, најпродуктивниот рудник за бакар и злато во земјата“, пишува во извештајот.

Компанијата Солвеј негира поврзаност со руската држава и нејзината политика, но од друга страна поранешниот директор на рудникот Бучим во Радовиш, Дмитриј Кудрјаков заврши на црната листа на САД за ширење руско влијание.

Од Центарот за демократски студии јасно ја укажуваат и поврзаноста на Солвеј со компанијата РУСАЛ (Руски алуминиум), чиј основач е олигархот Олег Дерипаска. Компанијата РУСАЛ се основа по спојување со СУАЛ Груп (Сибирско-уралска алуминиумска компанија), која за шеф на управувачкиот одбор од 2003 до 2007 година го има Александр Бронштајн, основачот на Солвеј. Во меѓувреме бизнис партнерот на Бронштајн, Олег Дерипаска исто така заврши на американската црна листа. Тој важи за еден од најблиските луѓе на рускиот претседател Владимир Путин и е обвинет за мешање во американските избори во 2016-тата година. За Дерипаска неодамна беа наложени и дополнителни санкции поради финансирањето на војната во Украина.

Во анализата на Центарот за демократски студии се истакнува дека Русија остварува локална моќ преку најмени посредници, кои за возврат имаат корист од деловни можности или руска поддршка за нивни политички цели. Со тоа се создава ранливост во државата што Русија може да ја користи за да влијае на политичкото одлучување. Оттаму порачуваат да се диверзифицираат странските инвестиции, особено поради прекумерен капитал од авторитарни држави што е концентриран во една или две индустрии во земјата.

На опасноста од руско влијание во македонското рударство во изминатиов период предупредија новинари, професори и дипломати кои важат за добри познавачи на состојбите во регионот. Во интервју за Канал 5, познатиот новинар Александар Чомовски изрази загриженост поради тоа што руски тајкуни доминираат на пазарите на олово, цинк и бакар во Македонија, без соодветно внимание од политичарите. Тој реагираше дека рударскиот сектор е запоставен од страна на државата и не се реализираат инвестиции, посочувајќи го како пример рудникот за бакар во Иловица, кој е канадска инвестиција.

„Зошто не излезат нашите политичари и да им кажат, види нема потреба од рударство и злато, ние ќе си живееме во една селска еколошка оаза, во услови кога сите рудни богатства на Македонија се дадени на руски тајкуни“, вели Чомовски.

Сличен став во медиумите сподели и поранешниот амбасадор Јован Донев. Во гостување на телевизија Алфа тој кажа дека постојано се елиминираат можностите за отворање на нови рудници, што, според него, е прашање на национална безбедност.

„Како може некој да ме убеди дека заради триесет луѓе се затвора Иловица за тие да произведувале органски домати? За кого? Тоа е удар против националната безбедност на Република Македонија. Пет рудници за злато требаше да има по таа линија. Сите добија концесии за истражување, но ги снема. Целиот сегмент на меката безбедност, вклучувајќи ја и корупцијата, го испуштаме од раце и затоа имаме проблеми“, кажа Донев.

Инаку, најновиот Извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија потврди дека земјава има добро ниво на подготвеност за членство во ЕУ во делот на надворешната и безбедносната политика. Особено се потенцира целосното усогласување на Македонија со рестриктивните мерки на ЕУ наложени кон Русија. Северна Македонија и Албанија се идентификувани како најмалку ранливи земји, додека Босна и Херцеговина е најподложна на руско влијание, веднаш пред Србија“.

„Експертите предупредуваат дека големото присуство на Русија во стратешки сектори ги прави владите во регионот ранливи на нејзиниот притисок и го нагласуваат ризикот од заробување на државата“, се вели во анализа на Европскиот парламент.

Во неа сепак се додава дека се зголемило руското економско влијание во регионот, особено по првите санкции кон Москва во 2014-тата година заради анексијата на Крим.