Како што објави РТС, од Стејт департментот соопштија дека го поздравуваат доаѓањето на претставниците на Белград и Приштина во Брисел и изразија надеж дека тие ќе отворат сериозен и непосреден дијалог со потврда дека Габриел Ескобар исто така ќе биде вклучен во бриселските разговори оваа недела.

– Неодамнешните настани покажаа дека разликите меѓу Белград и Приштина, доколку не се надминат, негативно ќе влијаат врз странските инвестиции и ќе придонесат за понатамошен одлив на мозоци, што ќе ги спречат економиите на Косово и на Србија да ги реализираат своите реални потенцијали, но исто така ќе ја спречи нивната натамошна интеграција во европските институции, наведуваат од Стејт департментот.

САД апелираат на Белград и Приштина да се вратат на дијалогот со посредство на ЕУ и да ги решат сите спорови без одложување, вклучително и оние поврзани со енергетиката и другите области кои влијаат на секојдневниот живот на граѓаните, нагласувајќи дека САД немаат рецепт за решавање на проблемот.

– Решението мора да го најдат двете страни ангажирани во дијалог. САД продолжуваат да ја поддржуваат блиската регионална соработка и отстранување на пречките за слободно движење, трговија и инвестиции во корист на сите луѓе кои живеат во Западен Балкан, соопшти РТС.

Во денешната заедничка изјава, известувачите и шефовите на делегациите на Европскиот парламент за Белград и Приштина, Владимир Билчик, Виола фон Крамон, Тања Фајон и Ромео Францу, изразија длабока загриженост поради тензиите на граничните премини Јариње и Брњак и повикаа на враќање кон дијалогот со посредство на ЕУ.

– Сакаме да видиме повлекување на специјалната полиција и сите армиски единици и отстранување на блокадите на патиштата. Еднострани акции и провокации и запалена реторика, кои ги зголемуваат тензиите и влијаат на благосостојбата на локалните заедници, треба да прекинат, изјавија четворицата парламентарци во писмена изјава.

Тие ја повикува ЕУ и нејзините партнери да продолжат да работат на деескалација на кризата, а лидерите на Белград и Приштина да ја користат платформата за дијалог со посредство на ЕУ за решавање на сите отворени прашања, вклучително и оние поврзани со слободата на движење.

Во Србија денеска државниот секретар во Министерството за надворешни работи Немања Старовиќ изјави дека продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел зависи од развојот на ситуацијата на северот на Косово.

– Додека не се врати состојбата што ја имавме порано и не се повлече специјалната единица (косовската полиција Росу), нема да има продолжување на дијалогот во неговата политичка димензија, изјави Старовиќ за РТС.

Тој потврди дека од Брисел пристигнала покана за продолжување на техничкиот дијалог, во кој треба да учествува директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петровиќ, но дека од развојот на ситуацијата денеска и утре ќе зависи дали ќе дојде до дијалог и како тој би изгледал.

Како што јави допсиникот на МИА од Белград, претседателот Вучиќ за денеска ги откажа сите најавени средби, меѓу кои и со рускиот и кинескиот амбасадор, а утре во Белград е најавено доаѓањето на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.