САД и Иран веројатно следната недела ќе ги продолжат преговорите за прекин на конфликтот, а новата рунда разговори би можела да се одржи во Пакистан, јавуваат медиуми повикувајќи се на дипломатски извори.

Според информациите, како најверојатна локација се споменува Исламабад, каде веќе се одржа претходната средба меѓу двете страни.

Слични наводи објави и „Волстрит џурнал“, според кои Вашингтон и Техеран постигнале принципиелен договор за продолжување на разговорите, иако точниот термин сè уште не е утврден.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека „нешто би можело да се случи во следните два дена“, алудирајќи на можен напредок во преговорите.

По ескалацијата на конфликтот на 28 февруари, на 8 април беше постигнат двонеделен прекин на огнот со посредство на Пакистан.

На 11 април во Исламабад се одржаа разговори меѓу американската делегација, предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс, и иранската делегација предводена од претседателот на парламентот Мохамед Багер Калибаф, но без конкретен договор.