Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека земјата се соочува со сериозен недостиг на противвоздушни ракети „Патриот“, оценувајќи ја ситуацијата како алармантна.

За време на посетата на Германија, во изјава за ЗДФ, тој рече дека состојбата е крајно загрижувачка.

„Недостигот е толку лош што не може да биде полош“, изјави Зеленски.

Тој посочи дека конфликтот на Блискиот Исток дополнително ја отежнува позицијата на Украина, бидејќи влијае врз испораката на воена помош.

Системите „Патриот“, кои се произведуваат во САД, се клучни за одбраната на Украина од руските балистички ракети и во моментов претставуваат најсилниот штит против вакви закани.

Поради тоа, Киев се обидува да развие сопствен систем за противвоздушна одбрана. Украинската компанија „Фајер Поинт“ објави дека работи на решение кое би можело да биде оперативно веќе следната година, во соработка со европски партнери.

Во меѓувреме, потпретседателот на САД Џеј Ди Венс изјави дека е „горд“ што администрацијата на Доналд Трамп ја прекинала воената помош за Украина.

„Ѝ кажавме на Европа дека ако сака да купи оружје – може, но САД повеќе нема да го финансираат и испраќаат во Украина“, рече Венс на настан во Џорџија.

Венс важи за еден од најгласните критичари на американската поддршка за Киев во рамките на актуелната администрација.