Соединетите Американски Држави планираат да воведат нови санкции кон Кина и Русија, кои ќе вклучуваат казнување на Москва за употребата на ирански беспилотни летала во војната против Украина, изјавија двајца американски функционери.

Според нив, санкциите ќе ја погодат Кина поради, како што тврди Вашингтон, нелегалниот риболов во Пацификот, додека расте загриженоста поради евентуалниот кинески прекумерен риболов и проширувањето на кинеското влијание на море.

Повеќето од санкциите, за кои извести Волстрит џурнал, ќе бидат воведени според таканаречениот глобален „закон Магницки“ од 2016 година, кој ѝ дозволува на американската влада да воведува санкции за странски владини претставници за кои се смета дека ги прекршуваат човековите права, замрзнувајќи ги нивните средства и забранувајќи им да влезат во САД.

Соединетите Американски Држави го осудија извозот на ирански воени беспилотни летала во Русија, која ги користи во својата војна против Украина, а санкциите се очекува да погодат некои компании вклучени во руската воена индустрија и поврзани со снабдувањето со ирански беспилотни летала за Русија, изјавија официјални лица.