Напори за реформи и пренасочување на фондови

Забрзување на реформите и поголема искористеност на европските средства се во фокусот на институциите, при што се разгледува можноста дел од неискористените фондови од земјите во регионот да бидат пренасочени.

Ова го изјави првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, кој денеска присуствуваше на седница на Управниот одбор на Стопанската комора.

„Едноставно е правилото – кој испорачува реформи добива повеќе средства, кој ги губи позициите, ги губи и средствата, а реформите ќе мора да ги реализира за еден ден да стане полноправна членка на ЕУ. Европската комисија јасно укажува дека средствата можат да се пренасочат кон земји кои се понапред од другите кои заостануваат така што нашата држава забрзано работи и имаме признание од Делегацијата на ЕК во Скопје и од ЕК дека нашето темпо е побрзорастечко од другите држави во регионот. Се сметаме дека сме втора држава, се бориме со Црна Гоа со динамиката иако знаеме дека Црна Гора трета година се многу брзи во однос на чекорите што ги прифатија од европската агенда. Ние имавме избори, па локални избори, и застој во реформската агенда и затоа сега засега сме втори, но се бориме средствата што ќе останат неискористени од Србија, Косово и Босна и Херцеговина да се пренасочат кон нас, рече Сали.“

Ниска искористеност и потреба од поголеми капацитети

Според него, досега се искористени околу 112 милиони евра, што претставува околу 15 проценти од вкупно достапните средства.

„Од 750 милиони, искористени се околу 112 милиони што е доволен знак дека ние сме многу спори во привлекувањето на директната помош којашто ни е на располагање и треба да работиме со институциите особено со локалната самопурава. Општините да ги зголемат капацитетите за привлекување на овие средства за да можат да креираат инфраструктура којашто ќе и помогне на бизнис заендицата, рече вицепремиерот за европски прашања.“

Тој нагласи дека клучно е земјата да стане побрза во користењето на средствата во споредба со другите држави од регионот.

Поддршка од бизнис секторот и реформска агенда

Од бизнис заедницата е изразена подготвеност да се помогне за поголема искористеност на средствата и да се изнајдат механизми за повлекување повеќе пари.

Реформската агенда опфаќа 134 чекори до 2028 година и е насочена кон економијата и приватниот сектор. Дел од мерките предвидуваат поедноставување на околу 100 административни процедури и намалување на неформалната економија на 20 проценти.

Во моментов, државата располага со над 1,3 милијарди евра европска поддршка. Над 600 милиони евра се преку ИПА III, а околу 750 милиони евра преку Планот за раст и Реформската агенда 2024–2027.

Само преку ИПА инструментот, во периодот 2021–2024 мобилизирани се над 460 милиони евра, со вкупна поддршка над 625 милиони евра. Дел од средствата се насочени во транспорт, животна средина, вработување и социјални политики.

Дополнително, обезбедени се над 100 милиони евра за земјоделство преку ИПАРД, 25 милиони евра за зелени инвестиции и над 9 милиони евра за мали и средни претпријатија.