Откако слегна прашината по самитот на тројцата најмоќни светски лидери во Кина, доминира впечатокот дека помпезно најавуваниот состанок сам по себе е историски, но помина без суштински пробив за клучните теми на јавната сцена. Аналитичарите нагласуваат дека состанокот понуди повеќе визуелен ефект отколку реална содржина, па главен фокус на глобалните анализи станува прашањето кој и колку политички профитираше од овој настан.
Во најголем дел од светските анализи преовладува ставот дека токму рускиот претседател Путин е најголем победник, бидејќи по години меѓународна изолација се врати на големата сцена и за првпат по девет години присуствуваше на самитот на АПЕК.
„Русија долго време негодува на перцепцијата дека е сила во опаѓање, ослабена сила, а претседателот Путин сега има право да каже: јас сум еден од само тројцата лидери на една ексклузивно избрана маса. На тој начин, тој сугерира дека и покрај воените загуби и западните санкции, Русија е голема сила“, изјави Вејн.
Си Џинпинг, Трамп и Путин објавија заедничка мировна декларација, но во неа воопшто не беа споменати конфликтите и војните во Украина и во Иран. Тројцата лидери само декларативно, а не обврзувачки изразија согласност да работат на свет без нуклеарно оружје, реформи во Обединетите нации и ограничување на улогата на Меѓународниот кривичен суд. Дилемата што останува отворена е дали ваквиот лидерски формат ќе продолжи и дали ќе ги поттикне стравувањата за евентуално преобликување на меѓународниот поредок во кој Европа би останала целосно маргинализирана.
„Никогаш не сме ги виделе овие три лидери да седнат заедно. Ако тоа постави некаков преседан да стане еден вид централен простор за дебата, како Г-3, што ќе ги засени сите други групи, тогаш кој знае каде ова може да води. Си Џинпинг мисли дека Источна Азија е негов дел. САД дефинитивно, или Трамп експлицитно вели дека западната хемисфера е негова, што ја претставува Монроовата доктрина. Знаеме дека Путин би сакал да контролира повеќе од Источна Европа отколку во моментов“, истакна Вокер.
Европските сојузници будно ги следат ваквите чекори и порачуваат дека континентот нема да прифати пасивна улога во креирањето на глобалната безбедност.
„Формат во стилот на Јалта нема да донесе мир, а Европа нема да биде изоставена од каков било договор“, порача Мерц.
