Русија нема да учествува во квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Оваа одлука следува откако УЕФА официјално ја изостави од списокот на учесници за претстојниот квалификациски циклус поради воената агресија врз Украина.
Одлуката е потврдена со официјален циркулар потпишан од генералниот секретар на УЕФА, Теодор Теодоридис, кој бил испратен до сите национални фудбалски асоцијации. Во квалификациите ќе учествуваат 54 од вкупно 55 репрезентации членки на европската фудбалска централа.
Ждрепката за квалификациските групи ќе се одржи на 6 декември во Белфаст, а селекциите ќе бидат распоредени во 12 групи составени од по четири или пет репрезентации. Натпреварите од групната фаза ќе се играат во периодот од март до ноември 2027 година, додека бараж-натпреварите се предвидени за март 2028 година.
Со оваа одлука Русија ќе го пропушти и четвртиот последователен голем меѓународен фудбалски турнир. По Светското првенство во Катар во 2022 година, Европското првенство во Германија во 2024 и Мундијалот во 2026 година, руската репрезентација нема да биде дел ниту од ЕУРО 2028, кое ќе се организира во Англија, Шкотска, Велс и Република Ирска.
