Здружението на сараевски ќебапчилници подготви специјална гастрономска почит по повод прошталниот натпревар на легендарниот босански капитен Един Џеко од националниот тим. На денот на средбата меѓу Босна и Херцеговина и селекцијата на Шведска во Лигата на нации, стандардната порција од десет ќебапи ќе се служи како „единаесетка“.

Целта на оваа симболична иницијатива е да се испрати признание и благодарност за историскиот придонес на фудбалерот кој со години го носеше дресот со број 11. Угостителите од Сараево порачаа дека овој потег е одраз на длабока почит од целиот град кон својот најдобар репрезентативец.

„Затоа што Един не беше само бројот 11. Тој беше човек со кого славевме, тагувавме, верувавме и се гордеевме. Неговите голови, натпревари и победи, но и начинот на кој ја претставуваше Босна и Херцеговина, оставија трага што тешко ќе се повтори. Токму затоа сакавме да создадеме нешто што е наше, сараевско и едноставно. Нешто што му припаѓа на градот каде што ќебапот се јаде со посебна љубов и каде што за големите луѓе секогаш се зборува, со половина лепиња, кромид и чаша муабет“, велат од Здружението на сараевските ќебапчии.

Гостите во сите ќебапчилници членки на здружението ќе добијат дополнителен ќебап како симболичен поздрав за капитенот, обединувајќи ја локалната кулинарска традиција со спортскиот спектакл на кој Џеко ќе стави точка на својата 20-годишна репрезентативна кариера.