Не е точно дека јас сум нападнал некого. Практично, јас пријавив вербален напад и само буткање во кое имам повреда на окото од лупите на колегата, вели во изјава за „Фокус“ кардиохирургот и поранешен директор на Клиниката за кардиохирургија во Скопје, Сашко Јовев.
Неговата изјава следува откако претходно денеска Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека актуелниот директор на Клиниката, Марјан Шокаровски, бил физички нападнат од вработен во установата со иницијали С.Ј., кој, пак, самиот го пријавил нападот в полиција.
„Не е точно дека јас сум нападнал некого. Нападoт е најдобра одбрана. Практично, јас пријавив вербален напад и само буткање во кое имам повреда на окото од лупите на колегата. Тој што сум пријавил сум јас“,вели Јовев за „Фокус“.
Сè останато, додава Јовев, може да е монтажа, како и таа досега во последните неколку месеци.
„Јас лежам на Кардиологија заради стрес. Инаку, сум жртва на секојдневен мобинг“, вели кардиохирургот Јовев во изјавата за „Фокус“.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР), претходно денеска во полициско соопштение информираа дека директорот на Клиниката за кардиохирургија претпладнево бил физички нападнат од вработен во Клиниката.
Според информациите на полицијата, нападот го извршил вработен во Клиниката со иницијали С.Ј. Тој претходно вербално нападнал медицинска сестра, а потоа и физички се пресметал со директорот на Клиниката. По инцидентот, С.Ј. ја напуштил Клиниката и самиот се пријавил во полициската станица Центар.
Од Министерството за здравство во врска со инцидентот информираат дека со настанот е запознаен и ресорниот министер Фатмир Меџити, кој побарал совесно и професионално однесување од здравствените работници и нивна посветеност на пациентите.
Инаку, кардиохирургот Сашко Јовев во јуни годинава беше разрешен од директорската функција на Клиниката за кардиохирургија. Во првичното образложение за таквата одлука, министерот за здравство Фатмир Меџити кажа дека „повеќе нема да има директори кои седат и спијат по пет или десет години и немаат никаков резултат“. Подоцна, во интервју за ТВ 24, Меџити рече дека Јовев бил разрешен откако по направена инспекција во оваа здравствена институција биле констатирани големи злоупотреби.