Судот одлучува дали Сашо Мијалков ќе излезе од притвор. Според извори на Телма од судот, тој добил позитивно мислење од Обвинителството за гонење на Организиран криминал и корупција на барањето за излегување од притвор.
Официјално од прес службата на Кривичниот суд велат дека се уште не е комплетиран предметот со позитивното мислење на судот и дека најверојатно и покрај најавите нема да има одлучување.
Адвокатите на Мијалков тврдат дека со барањето за ослободување е поднесена гаранција во недвижности со вредност од над 7 милиони евра. Кауцијата ќе биде запленета од државата доколку Мијалков избега.
Мијалков е во истражниот затвор Скопје од 23 февруари кога по неколкудневно мистериозно исчезнување се појави пред обвинителството да го подигне решението за притвор. Претходно по информации на обвинителката Вилма Русковска за можно бегство на Мијалков, судот му определи домашен притвор, но полицијата не успеа да го најде на домашна адреса.
Додека е во притвор за Мијалков беа донесени две првостепени пресуди, 12-годишна затворска казна за случајот со нелегалното прислушување „Тврдина-Таргет“ и 8 години затвор за случајот Трезор и нелегална набавка на софтвер за следење електронски комуникации.