Можноста Саудиска Арабија да развие сопствена програма за нуклеарно оружје не е исклучена, се наведува во документ што американските разузнавачки служби го доставиле до Конгресот. Проценката предизвикала дополнителна загриженост кај дел од американските пратеници поради договорот на претседателот Доналд Трамп со Ријад за поддршка на саудиска цивилна нуклеарна програма.
Информацијата ја објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на американски официјални лица. Според весникот, меѓу пратениците постојат стравувања дека договорот би можел да создаде услови за развој на нуклеарно оружје и да поттикне нова трка во вооружување на нестабилниот Блиски Исток.
Договорот им овозможува на американските компании да започнат проекти од областа на нуклеарната енергија во Саудиска Арабија. Администрацијата на Трамп очекува со него да се зацврстат односите меѓу Вашингтон и Ријад, но и да се ограничи можноста кралството да ја продлабочи соработката со Русија и Кина.
Во Конгресот во тек е 90-дневниот период за разгледување на договорот. Доколку обезбедат доволна поддршка, пратениците би можеле да усвојат закон со кој тој би бил блокиран.
Група демократски сенатори, предводена од Ед Марки и Џеф Меркли, испратила писмо до американскиот државен секретар Марко Рубио. Во него тие предупредуваат дека администрацијата на Трамп се откажува од досегашниот пристап и воведува порелаксиран режим на ограничувања.
„Овој процес речиси сигурно ќе му овозможи на Ријад да се стекне со средства за збогатување ураниум и евентуално развој на нуклеарно оружје“, се наведува во писмото на сенаторите.
Според американските претставници, Стејт департментот учествувал во подготовката на класифицираните документи што во август биле доставени до Конгресот. Сепак, Стејт департментот има попозитивна оценка за заштитните механизми и гаранциите што ги дала саудиската влада.
Ријад засега не одговорил директно на информациите објавени од весникот. Саудискиот министер за енергетика Абдулазиз бин Салман претходно изјави дека нуклеарната програма ќе биде „мирна“ и дека ќе се развива „со највисок степен на одговорност и транспарентност“.
Американскиот Стејт департмент, пак, за „Вашингтон пост“ изјави дека Вашингтон „не ја поддржува и нема да ја поддржува саудиската програма за нуклеарно оружје“.
