Од СДСМ обвинија дека државата повторно нуди на продажба дел од запленетиот имот на поранешниот премиер Никола Груевски, додека, како што велат, сè уште нема јасен одговор дали е постапено по барањето за негова екстрадиција од Унгарија.
Партијата наведува дека станува збор за станови и друг имот вреден неколку милиони евра, но тврди дека тоа е само мал дел од вкупниот имот и средствата со кои располагаат Груевски и неговото семејство.
„Додека граѓаните се соочуваат со долгови и ниски приходи, државата повторно се обидува да продаде дел од запленетиот имот на Никола Груевски, кој живее во Унгарија наместо да ја издржува затворската казна“, велат од СДСМ.
Од опозициската партија ја обвинија Владата дека не презема доволно за враќање на Груевски во земјава и побараа одговор дали документацијата за неговата екстрадиција е испратена до унгарските власти.
СДСМ тврди и дека Груевски располага со значително поголем имот и средства во странство, но за изнесената сума од над две милијарди евра во соопштението не се наведени докази или официјални податоци.
Партијата упати обвинувања и кон премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека тие не се оградиле од политиките на поранешниот премиер и дека продолжуваат, како што велат, со истата култура на привилегии и неказнивост.
Во соопштението СДСМ потсетува и на луксузните предмети и трошоци што во минатото се поврзуваа со Груевски, меѓу кои службениот „мерцедес“ и скапи лични предмети.
Од партијата порачаа дека ќе бараат одговорност не само за Груевски, туку и за сите лица за кои сметаат дека биле дел од неговиот политички и институционален систем.
