ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува инцијативата на министерот за правда да се даде втора шанса на процесот за Изборниот законик, но цени дека голем хенидкеп за овој процес е што една политичка партија го саботира на два начини. Прво, со неучество во разговорите за Изборниот законик и, второ, со поднесени 9.500 амандмани, а на него се работеше четири месеци за да постигнеме одреден консензус – изјави Антонијо Милошоски, претставник во работната група за реформи во изборното законодавство, која денеска имаше консултативна средба во Министерството за правда.

– Сметаме дека би требало и кај СДСМ свеста да биде поголема дека Изборниот законик е нешто што се усогласува со консензус и важи за следните пет, 10, 15 или 20 години. Добро е да учествуваат доколку имаат демократски капацитет, без разлика на внатрешно – политичките состојби со коишто се соочуваат како предизвик – рече Милошоски.

Тој не сакаше да ги коментира внатрешно – политичките состојби во СДСМ, но нагласи дека тие како политичка партија која е застапена во Собранието со 18 пратеници добро е да се присутни на масата и да разговараат за Изборниот законик.

– Немаме проблем да разговараме за Изборниот Законик со кој било, но прашањето е која ни е целта. Ако сакаме да стигнеме до целта за носење на Изборниот Законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, тогаш има голем хендикеп ако на масата не е присутен оној којшто го прави проблемот со поднесени 9500 амандмани. И за волја на вистината амандмани има поднесено и политичката партија Левица, околу 4500. Исто така сметаме дека и ова кочење со амандмани не е соодветно, затоа што заеднички разговаравме за она што е предлог избран веќе во собраниска процедура – рече Милошоски.

Потсети дека ВМРО-ДПМНЕ го прифати предлогот на ДУИ и Левица за финансирање на политичките партии, додека за гласањето на дијаспората смета дека е уставна обврска на државата да овозможи гласање на секој државјанин без разлика на местото на живеење.

– Во денешно време и со денешната технологија цениме дека ова уставно право дијаспората би требало не само да го искористи, туку и да се олесни со една посовремена методологија да можат во поголем број да го искористат тоа право на глас. И затоа цениме дека би требало ова да биде заедничка обврска, да го реализираме ова уставно право на дијаспората, без разлика дали компромисот ќе биде електронско гласање или гласање по пошта, но во секој случај да биде и сигурно и транспарентно и демократски и да може да го провери секој учесник во изборите – рече Милошоски по средбата во Министерството за правда.