Откако ВМРО-ДПМНЕ го објави текстот на резолуцијата со која бара државен консезус во однос на преговорите со Бугарија, по примерот на бугарската национална позиција, реагираа од владејачката СДСМ.
Од партијата велат дека ако Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во својот идентитет не мора да поднесуваат декларации или какви било заклучоци до Собранието. Според нив, македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од било каква расправа за тие прашања особено не во македонското собрание.
-Цела Европа, целиот свет знае кои се нашите идентитески позиции, но очигледно само Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа. Христијан Мицкоски до толку е изгубен во своите блокади што бара Собранието да разговара дали сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и имаат македонски идентитет и посебност, се вели во реакцијата на СДСМ.
Од партијата го обвинија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека работи против државните и национални интереси и во состојба е да измисли се само за да ги блокира тековните мерки и политики што носат придобивки за граѓаните и државата.