Водата во Гостивар беше прогласена за безбедна за пиење истиот ден кога Јавното комунално претпријатие „Бошава“ од Демир Капија објави дека водата од тамошниот водовод не е безбедна ниту за пиење, ниту за готвење, се наведува во соопштението СДСМ , објавено на социјалните медиуми.

Во соопштението се наведува дека Мицкоски и Клековски повторно избегнале да се појават пред граѓаните.

Вчера во Гостивар беше организирана здравица и групна фотографија со чаши вода, откако беше соопштено дека водата повторно може да се пие. Премиерот и министерот за здравство не беа таму, реагираат од СДСМ.

Во соопштението се оценува дека водата била „пуштена“ додека тие биле на екскурзија и дека не сакале да се појават пред граѓаните. Се додава дека доколку повторно настане проблем, одговорноста ќе биде префрлена на друг, со оценка дека повторно ќе следува образложение дека надлежните не биле присутни. Во соопштението се тврди дека Мицкоски од почетокот на кризата и епидемијата на жолтица во Гостивар ниту еднаш не се појавил меѓу граѓаните кои, како што се наведува, цел месец пиеле загадена вода.

Наместо Мицкоски и Клековски, се додава, бил испратен полицаец да наздравува и да објаснува колку е „вкусна“ водата.

Истовремено, во соопштението се посочува дека повеќе од 50 градови во Македонија немаат редовни и јавно достапни анализи на водата, дека постојат сомневања за неисправност и дека четири реки се загадени. Се критикува и недостигот од јавно објавени документи и одговорност.

Наместо официјални извештаи, лабораториски анализи и редовни контроли на квалитетот на водата, се наведува во соопштението, јавноста гледа луѓе кои пијат вода од чешма и врз основа на тоа тврдат дека таа е чиста и безбедна.Од кога тоа е метод за проверка на исправноста на водата?“, се прашува во реакцијата.

Во соопштението се поставува и прашањето дали претставниците на власта сметаат дека нивниот збор е доволен наместо анализа и доказ.

На крајот се оценува дека Владата нема капацитет да обезбеди основно човечко право, чиста вода за пиење, туку капацитет за пропаганда, криминални тендери, избегнување одговорност и екскурзии.

„Граѓаните бараат одговорност. Не здравици“, се наведува во соопштението.