ДИК започна со испорака на гласачките ливчиња
Од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола утрово започна дистрибуцијата на 1.013.357 гласачки ливчиња за вториот круг на локалните избори 2025, информира Државната изборна комисија. В недела ќе се гласа во 32 општини и во Градот Скопје, додека во сабота своето право ќе го остварат болните, изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор. Изборниот процес ќе го следат 1.569 набљудувачи, од кои 904 домашни и 651 меѓународни, како и 14 странски новинари.
Гласање во Скопје и скопските општини
Во Градот Скопје право на глас имаат 474.394 граѓани кои ќе избираат помеѓу Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица. Втор круг ќе се одржи и во скопските општини Карпош, Центар, Аеродром и Шуто Оризари. Во Карпош ќе се соочат Стевче Јакимовски и Сотир Лукровски, во Центар – Горан Герасимовски и Мирослав Лабудовиќ, во Аеродром – Дејан Митески и Александар Трајановски, а во Шуто Оризари – Ерџан Демир и Курто Дудуш.
Втор круг и нови изборни постапки низ државата
Граѓаните ќе гласаат и во повеќе општини низ земјата, меѓу кои Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Кочани, Пробиштип, Боговиње, Брвеница, Валандово, Крушево, Неготино, Виница, Дебар и други. Прегласување ќе има во Шуто Оризари за членови на Совет на три избирачки места, а во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово – ќе се спроведе нова изборна постапка, бидејќи не беше постигнат потребниот цензус од една третина излезност.
