Градежна офанзива

Од Скопје до Охрид за час и половина изгледа сѐ пореално заради градежната офанзива на Николоски и Трајановски. Изградбата на автопатот Охрид-Кичево продолжува со засилена динамика. Ќе се работи во зимски услови и на минусни температури, дење, но и ноќе. Останува најавениот рок, целата делница да биде пуштена во употреба до крајот на 2026-та година.

До почеток на летната сезона ќе бидат пуштени за сообраќај околу 40 километри автопат, од Врбјани до Охрид

Од Скопје до Охрид за час и половина

Министерот за транспорт и врски во текот на вчеашниот ден најави дека идното лето ќе започне изградбата на автопат од Кичево до Букојчани, а во меѓувреме се гради и делницата Букојчани – Гостивар па се очекува за три и пол до четири години во функција да биде целосно автопатско решение од Скопје до Охрид.

„Денес сме тука да промовираме асфалтирање во зимски услови на минусни температури, исто така сте сведоци дека се работи и во вечерните часови. Направивме голема мобилизација се решија проблемите со експропријација, се реши проблемот со асфалтирање. Во моментов имаме мобилизација од околу 300 машини кои работат на целокупната делница на автопатот и преку 600 луѓе секој ден работат“, изјави министерот Александар Николоски.

Делот од автопатот Врбјани-Охрид пуштен за следната сезона

До почетокот на следната летна сезона се очекува да биде пуштен во функција делот од автопатот Врбјани-Охрид во должина од 40 километри.

„Ни останува оној делот којшто е од Кичево до Врбјани. Во тој дел интензивно работиме задно со министерот за да може да направиме санација и стабилизација на косините бидејќи тие косини со години наназад се отворена рана, изложени на атмосферски влијанија“, рече Коце Трајаноски, директор на ЈПДП.

Проект клучен за туризмот

Овој проект е од клучно значење за жителите на Охрид и Струга. Се огласи и градоначалникот на Охрид кој ваквата офанзива ја дефинира како клучно за турзизмот.

„Комплетирањето на оваа автопатска делница заедно со онаа која веќе започна, а тоа е делот од Букојчани до Гостивар, ќе претставува одлично поврзување на градот, брзо доаѓање до градот Охрид посебно во туристичките месеци“, рече Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Изградбата на автопатот Охрид-Кичево, делница во должина од 57 километри, започна во февруари 2014-та година. Првиот рок беше дека ќе биде готова за четири години.