Проблемот со сместувањето на лицата во објектот „Ранка Милановиќ“ треба целосно да биде решен до крајот на годината, кога тие ќе бидат префрлени во монтажни објекти во рамки на објектот „Чичино Село“ во општина Сарај. Ова го најави министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски во гостувањето во Радио Лидер, посочувајќи дека веќе е договорено решението и дека останува да се спроведат техничките подготовки и набавката на монтажните куќи.
Велковски појасни дека во новиот објект ќе бидат сместени сите 67 лица кои во моментов престојуваат во „Ранка Милановиќ“, иако бројот до реализацијата на преселувањето може да биде и помал.
„Се решава хаосот кај ‘Ранка Милановиќ’. Во постапка е да се набават монтажни куќи, ќе бидат поставени во објектот ‘Чичино Село’ во општина Сарај. Таму е делот за бездомници кои што престојуваат по закон“, истакна министерот.
Тој нагласи дека со ова решение ќе се овозможи лицата да добијат соодветно сместување, а проблемот со досегашното функционирање на објектот „Ранка Милановиќ“ да биде затворен.
„Таму ќе бидат сите 67, сега може да се и помалку лица кои што се во ‘Ранка Милановиќ’ во објектот. Тоа ќе биде за многу кратко време, пред крајот на годината ќе биде сè завршено и потоа овој објект ќе биде минато“, рече Велковски во Радио Лидер.
Според најавата на министерот, по завршувањето на преселувањето, обврската за објектот ќе ја преземе Општината, додека Министерството во моментов ги финализира активностите поврзани со обезбедувањето на новите монтажни сместувачки капацитети.
„Остануваат само техничките работи да се набават тие монтажни објекти, да се постават таму, но ќе биде за многу брзо време бидејќи најдовме соодветно решение, веќе целиот концепт е договорен“, посочи Велковски.
Тој изрази очекување дека до крајот на годината целосно ќе биде завршена постапката и лицата повеќе нема да престојуваат во досегашниот објект.
„Мислам дека до крајот на годината комплет ќе се заврши таа приказна и повеќе нема да бидат тие лица таму“, најави министерот во гостувањето во Радио Лидер.
Со ова решение, според најавите на Велковски, треба да се стави крај на досегашната состојба во „Ранка Милановиќ“, преку обезбедување нов простор за сместување на лицата во „Чичино Село“.
