Опасен тренд на ТикТок: Аларм за родителите и наставниците

Се шири превентивен апел од лекарите и надлежните – ТикТок предизвикот со парацетамол може да биде смртоносен! Нема хоспитализирани пациенти на Клиниката за токсикологија како резултат на труење со парацетамол, поврзано со опасниот предизвик што се прошири на социјалната мрежа „ТикТок“. Лекарите предупредуваат дека зголеменото внесување на парацетамол може да биде исклучително опасно и еден од најфаталните типови труења со лекови. Министерот за здравство потврди дека досега нема регистрирани случаи на труење поврзани со овој тренд.

За ваквиот опасен тренд во текот на вчерашниот ден предупреди докторот Нико Беќаровски.

Опасен TikTok предизвик: Д-р Беќаровски предупредува на опасноста

Министерството за дигитална трансформација подготви мерки за заштита

Поради се почестите опасни предизвици на социјалните мрежи, во некои случаи со фатални последици, Министерството за дигитална трансформација изготви упатство кое веќе е дистрибуирано до училиштата. Целта е да се едуцираат наставниците и родителите за најдобриот начин на справување со вакви ситуации.

  • „Ги охрабруваме родителите да преземат активна улога во дигиталниот живот на своите деца. Затоа, препорачуваме употреба на апликации што овозможуваат контрола на содржините што тие ги гледаат. Важно е да бидеме проактивни во заштитата на младите.“ – изјави министерот Андоновски.
  • „Доколку опасните предизвици продолжат да се шират и да стануваат тренд, не ја исклучуваме можноста да воведеме алатки што ќе го ограничат пристапот до платформата Тик-Ток во нашата земја.“ – додаде Андоновски.

Совети за училиштата и родителите

За училиштата, упатството содржи препораки како наставниците можат да разговараат со учениците за потенцијалните ризици од ваквите предизвици.

  • „Јасно е дефинирано кои ресурси училиштата можат и треба да ги користат во комуникацијата со учениците. Понатаму, родителите имаат пристап до список на апликации што им овозможуваат контрола врз интернет содржините достапни на телефоните, таблетите и паметните телевизори дома.“ – нагласи министерот.
  • „Во дополнение, упатството содржи теми што сметаме дека е важно да се обработуваат во рамките на одделенски или класен час. Со ова очекуваме дека ќе се зголеми свесноста кај учениците и родителите.“ – рече тој.

Ограничување на телефоните во училиштата – начин за заштита

Опасниот тренд на ТикТок го вклучи алармот кај надлежните. Некои училишта во Македонија веќе воведуваат рестрикции за користење на мобилни телефони за време на наставата. Целта е да се намалат инцидентите и злоупотребата на технологијата, како и да се зголеми продуктивноста на учениците додека се во училишните клупи.

Потенцијални последици од предизвикот со парацетамол

Според лекарите, внесувањето на парацетамол во прекумерни дози може да доведе до сериозни оштетувања на црниот дроб, па дури и до смрт. Тие апелираат до родителите, наставниците и институциите да работат заедно во спречување на опасните трендови на социјалните мрежи.