Активни екипи и механизација работат на санирање на поплавите
Над 50 куќи, визби, магацински простори и земјоделски површини во ресенските села Царев Двор и Дрмени се оштетени по излевањето на реките Болска и Источка. Водата полека се повлекува, но штетите допрва ќе се утврдуваат, а жителите добија привремена препорака да не користат вода од чешмите поради нарушен квалитет.
Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, за Канал 5 изјави дека се преземаат сите мерки за санирање на последиците и превенција од нови штети доколку регионот биде зафатен од нови врнежи.
„Ситуацијата е стабилна веќе се утврдуваат штетите. Сите поплавени куќи е испразнети, допрва треба да утврдиме точно што се се случило, направена е матерјална штета и на куќи, и на стопански објекти. Во моментов сите расположливи средства, механизации и слично ЦУК, ДЗС, МК пат, кризен штаб сите се на терен. Водата не е од загаденост, имаме заматеност на водата и превентивно препораката е да не се користи…“
Поплави имаше и во битолскиот и охридскиот регион, каде три реки се излеаја и поплавија повеќе куќи. Градоначалникот Пецаков за Канал 5 потврди дека екипите работеа цела ноќ, прелевањето е сопрено, а дополнително се превенира за да не дојде до нови излевања.
Агенцијата за храна и ветеринарство: Внимателно со храната и водата
Агенцијата за храна и ветеринарство издаде препораки за населението во поплавените региони:
„Доколку во регионите каде веќе има излевање на реките и поплавување на домовите и земјоделските површини и водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, ако има видливо заматување на водата, истата да не се користи за пиење и за готвење, се до санирање на состојбата и до добивање на лабораториска потврда дека водата е безбедна. Во домаќинствата кои се поплавени, храната која била во контакт со водата од поплавата, во поплавени фрижидери, замрзнувачи или подруми, да не се користи за исхрана, односно, се препорачува ваквата храна да се фрли.“
Временска прогноза и нивото на реките
УХМР прогнозира дека врнежите ќе продолжат и во следните денови:
„Денеска ќе биде променливо облечано време со повремени локални врнежи од дожд, наместа врнежите ќе бидат пообилни над 40 литри на м2 за 24 часа. Ќе има услови за појава на невреме со грмежи и засилен ветер… Сега засега не се очекуваат нови обилни врнежи меѓутоа од средината на следната седмица бранот доаѓа од запад така да да оставиме неколку дена па да кажеме.“
Нивото на речните текови речиси низ целата држава е покачено, но како што посочуваат од Центарот за управување со кризи, моментално состојбата е под контрола и нема нови излевања.
