Според проценките, пожарот досега уништил над 6.500 хектари површина, од кои 40 % шума.
Во јавноста не запира поддршката и апелите до граѓаните за доброволно вклучување во гаснењето. Од националниот парк порачуваат дека помошта е добредојдена, но дека неопходна е исклучителна внимателност поради опасниот терен со неексплодирани гранати.
Македонски Брод е една од најпогодените општини од пожарите во изминатите 30 дена. Освен во резерватот Јасен, гореше кај неколку бродски села и направената штета е огромна, вели за Канал 5, градоначалникот на градот, Жарко Ристески.
Во моментов гори кај селото Девич, кое беше зафатено од пожар пред неколку години, а се контролира состојбата кај селото Белица. Градоначалникот се сомнева дека причина за пожарите се човечки фактор, и побара од полицијата брзо расчистување на овие случаи.
Покрај пожарите во Брод и на Галичица, се уште гори во Долнени, Новаци, Кичево, Пласница, Дебар, и Чашка.
Оваа година е една од најлошите во однос на пожарите во последните 30-на години. Според бројките на Европскиот информациски систем за шумски пожари, досега речиси 70.000 хектари биле зафатени од пожари, кои со денови беа гаснети и со странска помош. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов вчера ги испрати екипите од Словенија и Германија, кои дејствуваа со хеликоптер и ер трактор.