Седум денови трае битката со пожарите во охридскиот регион. Пожарникари, ренџери, волонтери, деноноќно мобилизирани. Сè уште се активни два пожари. Гори нискостеблеста вегетација во НП Галичица на македонско албанската граница. Таму и вчера и денес делуваат пожарникарите со помош на два хеликоптери. Активен e и пожарот на Илинска планина над село Брежани, каде се делува од копно.
„Активен пожар на Илинска планина кај селото Брежани при што со помош на механизација е направен заштитен појас околу манастирот Свети Петар и Павле. Има екипи на терен го контролираат. Има пожар и во НП Галичица, пожарот е влезен и на македонска територија сега во моментов се врши мобилизација на луѓе кои со хеликоптер ќе бидат пренесени на тој терен непристапен. И да се обидеме да се санира состојбата“, вели Коста Кузмановски заменик командир во ТППЕ Охрид.
Од противпожарната единица велат засега нема опасност по куќите и селата. Апелираат до граѓаните за совесно однесување и почитување на законите.
„Сакам да упатам еден апел до граѓаните да ги почитуваат наредбите за забрана за одење во шумите бидејќи тоа е казниво по закон. Како и палење на огнови на отворен простор се со цел да ги сочуваме шумите и поради безбедноста на градот Охрид кој знаеме дека е туристички град а сега и шпиц на сезона имаме доста гости“, додава Кузмановски.
Пожарите во охридскиот регион нанесоа големи штети на животната средина. Според еколозите изгоре голема површина на борова и дабова шума, тоа ќе има далекусежни последици врз флората, фауната и екосистемот.