Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села денеска од прес-конференција во Собранието ја повика Бугарија да го крене ветото за Северна Македонија.
Според Села, земјава и Албанија треба поскоро да ги отворат преговорите и да станат членки на ЕУ што ќе го направи Западен Балкан посигурно место за живеење.
Како што рече лидерот на АА, не треба да се занимаваме многу со комисии и експерти, зашто „експертите прават наука, а не компромис“.
Политиката треба да најде компромис, порача Села.
-Ја повикувам и бугарската страна, имајќи ја предвид сигурносната ситуација што се случува и во регионот, како и ризикот што постои по агресијата на Русија во Украина, да размислат за сигурноста на регионот, да го тргнат ветото, тоа ќе биде компромис. И ние, како политичари,треба да бидеме подготвени за компромис. Албанија заедно со Северна Македонија треба што поскоро да отворат преговори и да бидат членки на ЕУ. Тоа ќе го направи Западен Балкан посигурно место за живеење, истакна Села, одговорајќи на новинарски прашања.
Граѓаните, напомена, се надеваат дека на 22 јуни ќе има некаков исход со Република Бугарија.
-Се надеваме и како партија правиме напори да се крене ветото, потенцира Зијадин Села.