Европската Унија се соочува со сериозен демографски пад, при што населението би можело да се намали за 53 милиони луѓе до крајот на векот, покажуваат најновите проекции.
Според податоците, бројот на жители ќе достигне врв од околу 453,3 милиони во 2029 година, по што ќе започне долгорочен пад на околу 398,8 милиони до 2100 година.
Покрај намалувањето на населението, значително ќе се промени и неговата старосна структура. Уделот на младите до 19 години ќе се намали од 20 на 17 проценти, додека работоспособното население ќе падне од 58 на 50 проценти.
Во исто време, бројот на постари лица ќе расте. Уделот на населението од 65 до 79 години ќе се зголеми од 16 на 17 проценти, а лицата над 80 години ќе пораснат од шест на дури 16 проценти.
Овие трендови се резултат на ниски стапки на наталитет, подолг животен век и постепено изедначување на демографските движења меѓу земјите-членки.
Стареењето на населението веќе има последици врз пазарот на трудот, со зголемен недостиг на работници и дополнителен притисок врз пензиските системи, што претставува сериозен предизвик за економијата на Унијата во наредните децении.
