Северна Кореја тестираше уште една ракета, соопштија рано утринава јапонската Влада во Токио и јужнокорејската војска во Сеул.

ДПА јавува дека проектилот најверојатно повторно е балистичка ракета.

Јужнокорејската војска соопшти дека Северна Кореја истрелала неидентификуван проектил кон Источното Море, пренесе агенцијата Јонхап од Сеул.

Началникот на здружениот Генералштаб на Јужна Кореја преку СМС порака до медиумите јави за лансирањето, деветта демонстрација на сила на Северна Кореја годинава

До каде летала ракетата во овој денешен тест првично не беше јасно. Но, агенцијата Кјодо, повикувајќи се на владата во Токио, јави дека ракетата паднала надвор од јапонската „ексклузивна економска зона“ во Јапонското Море.

Во Јужна Кореја, како што е вообичаено во вакви случаи, се состанува Советот за национална безбедност за да разговара за ситуацијата,а овој пат загриженоста е уште поголема бидејќи тестирањето доаѓа на само четири дена пред претседателските избори во Јужна Кореја.

По серијата ракетни тестови во јануари, јужнокорејската Влада ја обвини изолираната соседна земја дека сака да поттикне нови тензии на Корејскиот полуостров, додаде ДПА.

Јужна Кореја стравува дека Северна Кореја наскоро би можела повторно да тестира интерконтинентална балистичка ракета која потенцијално би можела да стигне до САД. Земјата развива балистички ракети со различни дострели способни да носат нуклеарна боева глава.